ПСЖ ќе го направи Мбапе најплатениот фудбалер на светот!

Веќе извесно е дека најскапиот светски фудбалер Нејмар до крајот на летово ќе си замине од ПСЖ, зашто Бразилецот не сака да остане, па парижаните кога веќе полека се помируваат со таа одлука имаат решение како барем втората суперѕвезда Килијан Мбапе да не ја загубат.

Според последните информации на шпански „Ел Паис“, во ПСЖ се решени Мбапе да го направат најплатениот фудбалер на светот и тоа со неверојатна плата од – 50 милиони евра годишно. На Мбапе ќе му понудат нов петгодишен договор вреден 250 милиони евра за да остане во клубот, посебно по најавите дека сериозен интерес за џиновски трансфер има од неколку европски гиганти и ривали на „светците“.

Планот на ПСЖ за да му ја зголемат платата на Мбапе доаѓа поради тоа што со заминувањето на Нејмар ќе ослободат голем дел од буџетот, бидејќи Бразилецот во Париз има плата од 36 милиони евра. Во моментов Мбапе има 18 милиони евра годишно.

Младата француска суперѕвезда, која лани стигна до светска титула со „триколорите“ на СП во Русија имаше спектакуларна минатогодишна сезона со 39 гола на 43 меча, далеку поефектна од првата кога дојде од Монако со 21 гол на 44 меча. Мбапе во Париз дојде за 160 милиони евра.