„Проклетство“ наречено Ајакс: Сите нивни лански противници во ЛШ имаат нови тренери

Ајакс лани имаше неверојатна сезона во Лигата на шампионите. Почна од второто квалификациско коло и стигна до полуфиналето во елитното натпреварување. 

Интересен е фактот дека со отказот за Маурицио Покетино во Тотнем пред два дена, сега сите лански противници на Ајакс во групната фаза и елиминациите во Лигата на шампионите имаат нови тренери. Во групната фаза тимот од Амстердам играше против Баерн Минхен, АЕК и Бенфика. Сите три тима оваа сезона имаат нови тренери.

Нико Ковач доби отказ од Баерн Минхен, Маринос Озуинидис го водеше АЕК, а сега на клупата е Никос Костеноглу.  Бенфика лани ја водеше Руи Виторија, но сезонава тренер е Бруно Лаге.

Истата судбина ги снајде и противниците на Ајакс во елиминациите. Холандскиот тим во осминафиналето го елиминираше Реал Мадрид, кој тогаш беше предводен од Сантијаго Солари. На негово место кон крајот на ланската сезона на клупата на „кралевите“ седна Зинедин Зидан.

Во четвртфиналето Ајакс го мина Јувентус, а Масимилијано Алегри си замина по завршувањето на сезоната. Тренер на „Старата дама“ сезонава е Маурицио Сари. Менаџерот на Тотнем, Маурисио Покетино беше последната „жртва“ на проклетството на Ајакс. Тотнем го мина холандскиот тим во полуфиналето во ЛШ, но Покетино немаше среќа сезонава, па на негово место е назначен Жозе Мурињо.

Всушност само еден тренер го преживеа Ајакс од минатата сезона, а тоа е Мишел Прудом, предводникот на Стандард Лиеж. Белгискиот тим беше елиминиран од Холанѓаните во третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, но тоа не важи за нивните противници во второто коло и во плејофот. Нови тренери имаат и Штурм и Динамо Киев во однос на ланската сезона.

Ерик тен Хак и натаму е тренер на Ајакс по фантастичната ланска сезона. Холанѓанецот успеа да одбие неколку сериозни понуди, меѓу кои беше и онаа од Баерн Минхен.