Потег за респект: Мбапе го прекина одморот за да се збогува со Васкез (ВИДЕО)

Францускиот репрезентативец, Килијан Мбапе, го прекина летниот одмор само за да присуствува на свеченото збогување со Лукас Васкез, фудбалерот што по една деценија го напушта Реал Мадрид како слободен агент.

На емотивна церемонија одржана во клупската база на „кралевите“, клубот официјално се прости од 34-годишниот Васкез, кој 10 сезони беше дел од првиот тим. Освен семејството и претседателот Флорентино Перес, на настанот присуствуваа и неколку соиграчи и поранешни колеги – Мбапе, голманот Андриј Лунин и легендарниот Марсело. Иако се на одмор по завршувањето на долгата сезона, Мбапе и Лунин одлучија лично да му оддадат почит на својот соиграч.

Церемонијата започна со шестминутно видео со најемотивните моменти од кариерата на Васкез во белиот дрес, по што збор земаа Перес и самиот фудбалер.

„Ти си пример за тоа каков треба да биде еден мадридист – пожртвуван, посветен и секогаш ставен во служба на клубот. Дојде на 16 години, а заминуваш како една од нашите најголеми легенди со 23 трофеи зад себе. Реал Мадрид секогаш ќе биде твојот дом“, порача Перес.

Во своето проштално обраќање, Васкез со солзи во очите им се заблагодари на сите – од соиграчите и претседателот, до семејството и сопругата Мака, велејќи дека живеел сон и дека Реал засекогаш ќе остане дел од него.

„Ова не е збогум, Реал Мадрид е дел од мојата душа. Благодарен сум што ја носев оваа фланелка“, рече Васкез, кој си заминува како шести најтрофеен фудбалер во историјата на славниот клуб.