Пеп забранил славје во Сити – ќе се слави следната недела со девојките!

Пеп Гвардиола им забранил славје на фудбалерите на Манчестер сити по освојувањето на ФА Купот, бидејќи тимот веќе во вторник го очекува клучен натпревар во борбата за титулата во Премиер лигата.

Сити на „Вембли“ го совлада Челси со 1-0 благодарение на спектакуларниот гол на Антоан Семењо во 72. минута. Напаѓачот на англискиот клуб со пета ја испрати топката во мрежата по центаршутот на Халанд и му го донесе трофејот на тимот предводен од Пеп Гвардиола.

Сепак, шпанскиот стратег не дозволил опуштање по новиот успех.

„Дома! Ниту едно пиво. Следниот понеделник, по натпреварот со Астон вила, ќе прославиме заедно со женскиот тим. Од клубот ми кажаа дека ќе има парада во Манчестер бидејќи и двата тима имаат причина за славје. Но, сега немаме време“, изјави Гвардиола.

Манчестер сити така остана во игра за домашна тројна круна, откако веќе го освои Лига купот, додека на две кола пред крајот на Премиер лигата се наоѓа на второто место со два бода помалку од Арсенал.

Гвардиола смета дека неговиот тим влегол во постабилен период по турбулентната сезона.

„Во последните два месеца чувствувам стабилност во тимот каква што можеби претходно немавме. Но, тоа е нормално, пристигнаа многу нови играчи, имаше повреди и понекогаш е потребно време. Проблемот е што најголемите натпреварувања не чекаат“, порача шпанскиот тренер.

Фото: Manchester City/FB