Преседан на повидок: Шпанија на Мундијалот без ниеден фудбалер од Реал?

Актуелниот европски шампион Шпанија ќе биде меѓу фаворитите за титулата на претстојниот Мундијал, но како што стојат работите, по се изгледа трофејот ќе го брка без фудбалери на Реал Мадрид.

Шпанските медиуми шпекулираат со конечниот состав на селекторот Луис де ла Фуенте, додека се чека неговиот последен збор. Последните информации зборуваат дека повик на Светското првенство нема да добие стоперот на Реал, Дин Хујсен за кого селекторот смета дека нема добра сезона и дека има дефанзивци кои повеќе од него заслужуваат да се најдат на списокот.

Ваквиот развој на настаните е изненадување ако се знае дека Хујсен лани беше стандарден во шпанската репрезентација и како големо засилување се пресели во Реал. Минатата година дури беше стартер на завршниот турнир од Лигата на нации на кој Шпанија го освои второто место откако ја победи Франција, а во финалето загуби од Португалија на пенали.

Ако ова се оствари, Реал најверојатно нема да има ниеден фудбалер во шпанската репрезентација на претстојното Светско првенство. Хујсен беше единствен претставник на мадридскиот клуб на последната репрезентативна акција, против Србија и Египет откако претходно од конкуренција испадна и Карвахал.

Фудбалерите на Реал последните две децении немаат голем придонес во шпанската репрезентација, но не се случило на големите натпреварувања „фуријата“ да учествува без ниеден член на овој клуб. Затоа, од Барселона во моментов фигурираат дури осум имиња и се чека само на официјална потврда од Де ла Фуенте.