Пандев: Идеално ќе биде опстанокот да го крунисам со двоцифрен број на голови!

„Дерби дела Лантерна“ е едно од четирите суператрактивни градски дербија во Италија, кое денеска се игра на „Луиџи Ферарис – Мараси“ на кое (21.45 часот), Сампдорија ќе ѝ биде домаќин на Џенова, предводена од македонскиот калчолигашки ас Горан Пандев.

Градската пресметка на Џенова која за најстариот клуб во Италија е ново финале во трката за опстанокот, за разлика од Сампдорија која е во сигурната зона, е приказна за себе и поради пресметката на двајца ветерани кои имаат „втора младост“ во калчото, Пандев кај Џенова и Фабио Квалјарела кај Сампдорија. Македонскиот ас сезонава е еден од клучните играчи во новата битка за зачувување на место во калчо-елитата, а деветте негови голови се најдобриот голгетерски ефект после 11 години.

Во пресрет на дербито, Пандев посочува дека до крајот идеалното сценарио за него е – со Џенова опстанок, а голгетерското конто двоцифрено!

„Искрено постигнав девет гола сезонава, но тоа за мене не е ни толку важно, колку што е успехот на тимот. Сепак, двоцифрен голгетерски ефект и обезбеден опстанок со Џенова би било идеално сценарио“, вели Пандев како најава за дербито.

Џенова после победата над Лече има четири бода повеќе на четири кола до крајот на сезоната. Пандев од претходно најави дека за неговиот тим секој меч до крајот ќе биде како финале, па за да се продолжи по патот за останување во елитата, многу е важно и дербито со Сампдорија, кое никогаш не може да се предвиди.

„Ние имаме четири еднакво важни мечеви, а овој со Сампдорија е првиот од тие четири. Знаеме што нè чека. Јас имам 36 години, наскоро ќе наполнам 37 и искусен сум, но за победа на дербито треба многу повеќе. Не знам дали ова дерби ќе значи опстанок, но знам дека ривалите, а пред сè Лече нема да се предадат. Сампдорија по пласман е фаворит, сигурни се, не се под притисок за разлика од нас, но ние сакаме да ги израдуваме навивачите и да ја оствариме целта“, додава Пандев.

Лече игра дерби на дното со Бреша, а за овој клуб тоа е последна шанса да се врати во трка за евентуален опстанок под услов Џенова денеска да не победи. Ако Бреша успее да го победи Лече, а Џенова исто така триумфира, практично со една нога Пандев и другарите ќе бидат во сигурната зона. Седум бода на три кола до крајот би требало да им даде многу повеќе мир и сигурнот во завршницата, само тој опстанок да го заверат. Спал е првиот тим кој сигурно се сели во Серија Б