Овен: На Фернандеш веројатно не му се патуваше на Енфилд, па доби жолт картон!

Поранешниот фудбалер на Ливерпул и Манчестер јунајтед, Мајкл Овен го критикуваше Бруно Фернандеш откако Португалецот вчера доби жолт картон поради протест и нема да биде во комбинација за дербито на Енфилд.

„Ѓаволите“ во средата се прикажаа во одлично светло и го победија Челси, но вчера им приредија ново разочарување на своите навивачи и загубија со 0-3 во пресметката со Борнмут.

За мизеријата на Манчестер јунајтед да биде поголема, во финишот од мечот, Бруно Фернандеш доби жолт поради протест, тоа е негов петти и ќе биде суспендиран за следниот викенд и гостувањето кај Ливерпул на Енфилд.

„Се чудам колку жолти картони има добиено поради протести и тоа што мафта со рацете“, вели Мајкл Овен, кој го работеше натпреварот како стручен коментатор.

„Веројатно не му се патуваше на Енфилд, во моментов и мене не би ми се играло таму“.

„Мора да се однесува поодговорно, треба да биде лидер на тимот, да биде амбасадор“.

„Сите знаеме дека судиите не толерираат многу такви работи и морам да признаaм, за играч кој не е агресивен и не прави стартови, Бруно има заработено многу картони“.