Официјално: Томас Тухел е нов менаџер на Челси (ФОТО)

Доскорешниот тренер на Пари Сен Жермен и екс-кормилар на Мајнц и Борусија Дортмунд, Томас Тухел е нов менаџер на лондонски Челси, еден ден откако „сините“ му дадоа отказ на Франк Лампард.

Тоа што се најавуваше и беше само прашање на време кога ќе се официјализира, се случи вечерва откако Челси и официјално го потврди Тухел за свој нов тренер, со кој потпишаа едно ипол годишен договор со опција за продолжување на соработката.

„Сакам да му се заблагодарам на Челси за довербата во мене, сите ние имаме почит кон работата на Франк Лампард и сега не можам да дочекам да седнам на кормилото и да почнам со работа. Ова е голем предизвик за мене, да работам во највозбудливото првенство на светот. Прекрасно е ова чувство и возбуден сум, многу ми е драго што ќе бидам дел од семејството на Челси“, рече Тухел.

Тој вечерва ќе го има првиот тренинг, а утре Челси го чека пресметка во Премиерлигата со Вулверхемптон.