Официјално: Ентоан Гризман е нов фудбалер на Барселона!

Француската ѕвезда Ентоан Гризман и официјално е нов фудбалер на Барселона, откако каталонската гордост објави дека е платена откупната клаузула од 120 милиони евра кон Атлетико Мадрид.

Гризман во Барселона ќе потпише петгодишен договор со истек до 30 јуни 2024 година, а неговата актуелна откупна клаузула ќе биде 800 милиони евра. Гризман доаѓа во Барселона како суперзасилување на моќниот шпански првак и тоа една година откако во „пет до 12“ се премисли и реши да остане во Атлетико Мадрид.

Гризман со Атлетико играше две финалиња во ЛШ, освои Лига Европа, беше првак на Шпанија, а дојде во мадридскиот клуб од Реал Сосиедад. Лани со Франција стана светски првак и е еден од најдобрите фудбалери во моментов со што Барселона добива уште помоќен напад покрај Лионел Меси и Луис Суарез.