Од фудбалер кој вреди 100 милиони до трансфер во Бешикташ на – заем!

Англичанецот Деле Али, поранешен репрезентативец на „Гордиот Албион“ беше еден од најголемите таленти на Островот, вистинско „суво злато“ на лондонски Тотнем кој за него бараше 100 милиони евра, ама фудбалерот за врска има таков вртоглав пад во кариерата што Премиерлигата сега ќе ја замени со турската Суперлига.

Деле Али беше првотимец и во Тотнем и во англиската репрезентација, дел од генерацијата која ја врати Англија при самиот врв со полуфиналето на последниот Мундијал пред четири години, добар настап со финале во првата сезона во Лигата на нации. Но, кај Жозе Мурињо фудбалерот за врска се загуби, потоа Антонио Конте го пречкрта, па замина на заем во Евертон, а сега ќе оди во Бешикташ.

Инаку Тотнем за овој фудбалер бараше сто милиони евра најмалку, како и за Хери Кејн пред три години, кога двајцата буквално експлодираа, ама напаѓачот продолжи да ги решета мрежите, а „креативецот“ добиваше минутажа на лажичка.

Според последните информации, трансферот е пред реализација и само детали ги делат клубовите од договор. Деле Али во истанбул доаѓа на едногодишен заем, а Бешикташ идното лето ќе добие шанса да го откупи.