Новиот договор на Меси ја донесе првата „анти-шеик“ клаузула!

Барселона утрово официјализираше дека Лионел Меси потпишал нов договор, според кој ќе остане во Каталонија до 2021 година.

Изминативе два трансфер периоди се шпекулираше дека Аргентинецот би можел да го напушти „Камп Ноу“, бидејќи одолговлекуваше со потпишувањето на новиот договор, а притоа актуелниот му истекуваше до крајот на оваа сезона.

Сепак денеска беа расчистени сите дилеми, откако Меси ја продолжи верноста кон клубот за кој дебитираше пред 13 години.

А, она што е потврдено покрај потписот на новиот договор, е и новата откупна клаузула на Аргентинецот, која сега е значително зголемена за разлика од претходните 300 милиони евра.

Имено, заинтересираните страни на Барселона ќе мора да ѝ платат 700 милиони евра за услугите на Меси, а како што пишува каталонски „Спорт“, станува збор за таканаречен „анти-шеик“ клаузула.