Ништо од продажбата на Њукасл: Саудискиот принц се насочува кон клуб од Серија А

Како што стојат работите, навивачите на Њукасл наскоро ќе доживеат големо разочарување, откако договорот да се продаде клубот на саудиски инвеститори е на работ на неуспех, пишува „Мирор“.

Веќе неколку месеци се зборува дека за „црно-белите“ е заинтересиран престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, а вредноста на клубот беше проценета на 300 милиони фунти. Документите за договорот беа доставени на одобрување до раководството на Премиер лигата пред повеќе од пет месеци, по што, сепак, имаше затишје заради големото јавно незадоволство.

Саудиска Арабија е обвинета за злоупотреба на човековите права. Клубовите исто така не се ентузијасти за појава на ново лице на фудбалскиот пазар.

Затоа, како што пишуваат повеќе светски медиуми, Саудијците се насочиле кон Серија А, односно кон тимот на Рома. Имено, претседателот на „волчицата“, Џејмс Палота, контактирал со Саудијците за да им го понуди тимот. За таа цел, Американецот ги искористил услугите на инвестициската банка „Голдман Сакс“, каде се свесни за тешкотиите на принцот на Островот и му понудиле опција со Рома.