Ништо нема да биде исто: Од први јули нè очекуваат неколку нови фудбалски правила!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека некои правила ќе бидат официјално променети од први јули годинава. На интернет беше објавен документ во кој се потврдуваат правилата, кои на последниот конгрес ги претставија Звонимир Бобан и Пјерлуиџи Колина.

Едно од новите правила е дека при формирањето на жив ѕид, противнички фудбалери повеќе нема да можат да бидат дел од него, па ќе мора да стојат еден метар подалеку од ѕидот.

Кога голманот ќе ја изведува топката од казнениот простор, противничките фудбалери повеќе не мора да чекаат таа да го напушти казнениот простор, туку може да тргнат по неа штом ја допре голманот.

Исто така секое играње со рака во шеснаесетникот над висината на рамото ќе биде казнено со пенал, без разлика дали имало намерна игра или не.

Нема да може повеќе да се постигне гол со рака, дури и ако се работи за топка, која во мрежата завршила, откако била одбиена од рака.

Тренерите и фудбалерите од клупата, како и тие на теренот, ќе добиваат жолти и црвени картони.

Од друга страна, фудбалерот, кој излегува од игра, не мора да оди до центарот, туку ќе може да излезе на било кој дел од теренот.

Интересно е и тоа што се менува и правилото за судиите, кои ако ги удри топката, акцијата се прекинува и топката им се доделува на фудбалерите, кои во тој момент го имале поседот на неа, а не како досега играта да продолжи по одбивањето на топката од арбитарот.

Натпреварувањата и лигите, кои почнуваат пред први јули, како што се скандинавските, можат промените да ги стават на сила на почетокот на сезоната или на први јули, но најкасно до почетокот на наредната сезона.