Никој не може да разбере: Тен Хаг пак преживеа

Шест часа вчера, најтесното раководство на Манчестер Јунајтед држеше состанок за судбината на Ерик Тен Хаг и на крајот одлучи да го остави холандскиот стручњак на клупата.

Ниеден навивач на клубот од Олд Трафорд, но и обичен фудбалски вљубеник не може да сфати како се случи тоа, ако се имаат предвид резултатите на тимот оваа сезона. Јунајтед се наоѓа на 14. место во Премиер лигата со само осум бода, играта е никаква, а и на двата меча во Лигата Европа не успеа да победи. И не само што Тен Хаг повторно преживеа, туки не му беше даден дури ни ултиматум во случај на неуспех на следните натпревари на кои „ѓаволите“ играат против Брентфорд, Фенербахче, Вест Хем и Лестер.

Единственото објаснување е она од летото - дека раководството на Манчестер Јунајтед не може да најде замена и затоа го држи Тен Хаг на клупата. Не е исклучено Томас Тухел да ја одбил понудата и покрај тоа што се шпекулираше дека тој е најсериозен кандидат за позицијата.