Несторовски: Сакам да му помогнам на Палермо да заработи од мене!

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, фудбалерот на италијански Палермо изјави дека нема намера да си оди бесплатно од Сицилија, туку посакува за добра понуда да замине и да му помогне на својот досегашен клуб, кој во „пет до 12“ се спаси од испаѓање во третата лига.

Палермо се најде во сериозен проблем поради финансиски малверзации на поранешниот газда Маурицио Ѕампарини, па беше исфрлен во третата лига, но по жалбата му беа одземени бодови и успеа да се спаси и да остане во Серија Б, со тоа што летово клубот практично ќе остане без своите најголеми ѕвезди.

Одамна е познато дека белградска Црвена Звезда и новиот калчолигаш Лече се најзагреани за Несторовски, а македонскиот голгетер и капитен на Палермо објави дека сака да му помогне на клубот и за добра понуда да си замине.

„Јас не сум човек кој лесно се откажува и сака бесплатно да си оди. Сакам Палермо да добие добра понуда. Не го гледам сопствениот интерес, туку сакам да му помогнам на клубот“, вели Несторовски.

Прилепчанецот три години е дел од Палермо, на 94 меча да де 36 гола, а на Сицилија дојде од Интер Запрешиќ за 500.000 евра. Италијанските медиуми веќе објавија дека Палермо ја одредил цената за Несторовски, па дел од нив објавуваа дека е седум милиони евра, а некои дека е четири (Ла Република).

„Нема да го продадеме така лесно. Има интерес за Несторовски од Црвена Звезда, но и од други клубови, кои внимателно го следат. Според тоа што пазарот нуди, ние така лесно нема да се откажеме“, вели Фабрицио Лукези, директорот на клубот.