Несторовски и Удинезе ја одложија шампионската прослава на Јувентус (ВИДЕО)

Илија Несторовски го спречи Јувентус да ја прослави шампионската титула среде Удине, откако погоди во победата на неговиот тим од 2-1 во рамки на 35.коло во Серија А.

Стоперот Матијс де Лихт ги доведе гостите од Торино во водство финишот на првото полувреме, кога изненадно шутираше од надвор од шеснаесетникот.

Несторовски го израмни резултатот во 52-та минута со прекраен гол со глава по центаршутот на Сема. За нашиот репрезентативец ова беше трет сезонски погодок, откако претходно реализираше и против Рома и Сампдорија.

Победничкиот гол за домашниот тим го постигна Секо Фофана во 92-та минута од натпреварот по еден фантастичен соло продор, а топката ја доби од  нашиот репрезентативец.

Јувентус ќе почека на новата шампионска титула барем до следното коло, бидејќи вечерва не успеа да слави во Удине за и математички да го осигура првото место. Лидерот има 80 бодови или шест повеќе од Аталанта, која е втора на три кола до крајот на сезоната. Удинезе е 15-ти на табелата со 39 бодови и математички сè уште го нема обезбедено опстанокот, но многу е близу до такво нешто.