Нема лек за победничката низа на Ливерпул во Премиерлигата (ВИДЕО)

Ливерпул ја продолжи победничката серија во Премиерлигата на 18 натпревари по ред откако вечерва на „Енфилд Роуд“ славеше со 3-2 против Вест Хем во рамки на 27.коло. 

Тоа беше 26-та победа сезонава и остануваат на само едно реми, она против Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“. Вечерва момците на Јирген Клоп потешко од очекуваното го скршија отпорот на „чеканите“, но го израмнија рекордот на Манчестер сити од 18 победи по ред.

Џорџинио Вајналдум ги доведе „црвените“ во водство во 9-тата минута, но само три минути подоцна гостите израмниај преку Иса Диоп. Пабло Форналс направи пресврт и им донесе водство на гостите од Лондон во 54-тата минута, кратко откако влезе во игра. 

Потоа Мохамед Салах израмни на 2-2  во 68-та минута, но на голот му кумуваше и голманот Лукаш Фабијански. Победата на лидерот во Премиерлигата му ја донесе Садио Мане во 81-та минута.

Ливерпул на врвот на табелата има 79 бода, 22 повеќе од второпласираниот Манчестер сити. Вест Хем е во опасната зона на 18-тото место со 24 бода.