Наполи без Милик и најскапото засилување Лозано во Фиренца – Елмас очекувано во тимот

Италијански Наполи, чиј член од летово е македонскиот бисер Елиф Елмас утревечер од 20.45 часот ќе ја започне новата сезона и новиот атак на тронот кој веќе осум години го држи Јувентус во италијанскиот фудбал, а за воведното гостување наполитанците ќе бидат без полската напаѓачка ѕвезда Аркадиуш Милик и без најскапото засилување Ирвинг Лозано.

Елмас очекувано е во тимот, можно е да биде и стартер на мечот, сооглед дека од четирите вистински „контролки“ на Наполи во предсезоната на три македонскиот фудбалер за врска почна од првата минута (со Марсеј и двапати со Барселона), а го прескокна само мечот со Ливерпул поради бирократски причини со пасошот.

„Имаме сѐ за да ја освоиме титулата“, рече Анчелоти денеска на прес-конференцијата. „Повеќе нема да разговарам за трансфер пазарот, ако има нешто, тука е раководството. Почнуваме во сезоната и се концентрирам на мечевите. Во Лозано добивма фантастичен фудбалер, кој може да игра на крила, може и како плејмејкер. Штета што нема да игра во Фиренца, исто како и Милик, кој не е подготвен на ниво. Јувентус е наш главен конкурент за титулата, како и Интер, а ќе видиме што можат Рома и Милан. Мислам дека не очекува еден доста интересен шампионат и доста израмнет“, рече Анчелоти.