Најголемиот критичар на Алиоски си го призна поразот - Џани ме победи!

Една од големите легенди на англиски Лидс, Ноел Велан речиси да нема недела во која не пропушташе шанса да го искритикува македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски, ама после голот за победа против ВБА во вторникот, Велан реши да си признае дека загубил од популарниот Џани.

Алиоски откако дојде во Лидс постојано е на мета на критики и на навивачите, а и на дел од легендите на клубот, но Марсело Биелса едноставно има преголема доверба во Алиоски, па практично македонскиот лев бек е незаменлив во тимот и добро оружје во напад од втор план, како против ВБА кога даде гол и го однесе својот клуб пак на врвот во Чемпионшип дивизијата.

Велан пред мечот со ВБА прогнозираше дека Алиоски ќе седне на клупа и дека Биелса е незадоволен од него, ама наместо тоа, Џани беше стартер, даде гол и „му ја затна муцката“ на легендарниот фудбалер.

„Џани ме победи! Можеби треба уште да работи на дефанзивата, на позиционирањето, на дуелите, зашто многу лесно паѓа и често е невнимателен, но очигледно е дека е извонреден во напад. Бери Даглас е подобар дефанзивец, ама Алиоски во напад... Начинот на кој Биелса игра, очигледно дека тоа што е способен за во напад го прави првотимец и за менаџерот тоа е најбитно. Биелса сака бековите да одат високо, тие се практично крилни-бекови, сооглед на начинот на игра, а Алиоски така може и да асистира и да дава голови“, вели Велан.

Македонскиот лев бек се врати на оваа позиција во вториот дел од минатата сезона, кога Биелса се соочи со проблем во дефанзивата. Македонскиот фудбалер во минатата сезона до повредата ги одигра сите мечеви како стартер, а сезонава на почетокот беше „поштеден“ како резерва и откако се врати во првиот тим сега е незаменлив. Досега има два гола во Чемпионшип.