Мурињо успеа да се скара и со полицијата во Манчестер

Контроверзниот португалски менаџер Жозе Мурињо откако влезе во војна со првата ѕвезда Пол Погба, а наводно поради него се создале и кланови во соблекувалната успеа да се скара и со полицијата во Манчестер поради доцнењето на екипата на синоќешниот меч со Валенсија во Лигата на шампионите на „Олд Трафорд“.

Мурињо по мечот со Валенсија, кој заврши без победник и без голови ја обвини полицијата дека е најдиректно виновна поради доцнењето на фудбалерите на мечот и поради тоа што мечот започа пет минути подоцна од предвиденото помеѓу „црвените ѓаволи“ со шпанскиот тим.

„Ние го напуштивме хотелот во седум, со надеж дека половина час ќе биде доволно за да стигнеме на стадионот, што е и нормално време. Но, од хотелот 'Ловри' ни требаа 75 минути. Среќа УЕФА беше добра, како и судијата и делегатот, па го пролонгораа стартот за пет минути, зошто ни требаа половина час за да се подготвиме. Но, ова не е проблем на клупска организација, ги предвидовме сите можности дека постои опасност и да задоцниме. Баравме полициска придружба, но таа го одби тоа“, рече Мурињо.

На коментарите на португалскиот менаџер веднаш се јавија од полицијата во Манчестер, потенцирајќи дека и клубот, а и самиот тренер знаеле дека нема да имаат придружба и дека поефективно требало да го испланираат патувањето до стадион

„Сите распоредувања на полицијата се извршуваат откако претходно ќе се направи опсежна проценка на ризик и кога е во прашње придружба на тимските автобуси, таа се прави само кога имаме информации кои сугерираат закана по здравјето и животот на играчите. Точно е дека полицијата во минатото вршеше придружба на тимските автобуси, но откако направивме ревизија на тоа кои се нашите најважни одговорности, одлучивме дека повеќе нема да испраќаме придружба на секој натпревар. Се консултиравме со најголемите клубови неколку месеци со цел да им обезбедиме адекватно време да го испланираат своето патување до стадионите. За секој натпревар се прави засебна проценка и ќе продолжиме да работиме со клубовите за да обезбедиме соодветна полициска реакција“, рекоа од полицијата.