Мурињо спас бара кај Флорентино: Португалецот го бара Лука Јовиќ како замена за Кејн!

Најконтроверзниот тренер на светот, Жозе Мурињо очајно бара замена за повредениот Хери Кејн за нападот во лондонски Тотнем, па португалскиот стратег помош побарал од првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез за трансфер на српскиот напаѓач Лука Јовиќ.

Јовиќ за 60 милиони евра дојде летоска од Ајнтрахт Франкфурт во Реал, но не се изнаигра премногу на „Сантјаго Бернабеу“, а кај Зинедин Зидан е втора, по некогаш и трета опција за нападот. И поради тоа Мурињо веќе го контактирал Перез за можноста да го земе Србинот во својот тим.

Овие информации ги сподели шпанскиот новинар Адријан Кармона преку својот портал „Дефенса Сентрал“, во кои потенцира дека Мурињо сака да ги искористи добрите односи со Перез за да донесе засилување и замена за Кејн. Мурињо и Перез останаа во добри односи по заминувањето на Португалецот, а Мурињо беше опција за нов тренер и втор мандат пред да се врати Зидан.

Порталот наведува дека наскоро се очекува газдата на Тотнем, Даниел Ливи да разговара со Перез, а во Лондон се надеваат дека добрата соработка на двата клуба, пред сè со трансферите на Герет Бејл и Лука Модриќ на „Бернабеу“ може да го искористат моментот за да го добијат Јовиќ. Засега не се потенцира за каков трансфер би разговарале Реал и Тотнем околу Јовиќ, дали шестмесечен заем или пак комплетен трансфер.