Мурињо направи ново шоу: Му го прислушкувале телефонот... (ВИДЕО)

Најконтроверзниот тренер на денешницата Жозе Мурињо не може да да не биде во центар на вниманието со своето однесување, настрана од притисокот околу евентуалниот отказ по катастрофалниот старт на сезоната со Манчестер јунајтед.

„Црвените ѓаволи“ денеска играат со Валенсија на „Олд Трафорд“ во второто коло во Лигата на шампионите, па Мурињо на прес-конференцијата направи шоу, смеејќи се, иако баш и не му е до смеење во последно време. И се почна од едно прашање за тоа дали и што разговарал Португалецот со Зинедин Зидан?

Британскиот таблоид „Сан“ објави текст со наслов „Мурињо се плаши за работата откако му се јави Зидан“, во кој се потенцира дека „Зидан бил загрижен за Мурињо да не помисли дека му работи зад грб, па му открил дека неговите менаџери биле прашани дали Французинот е слободен, ако се ослободи клупата и дека неделава е клучна за 'специјалниот'“.

И откако го прашаа Мурињо за Зизу, почна комичното шоу?

„Прашајте го човекот зад вас, затоа што тој тоа го напиша. Тука е одма зад вас, може да го видите. Тој го напиша тоа. Наместо мене, можете него да го прашате“, рекол Мурињо, покажувајќи кон новинарот на „Сан“.

Новинарот, пак, одговорил кратко дека Мурињо и Зидан имале телефонски разговор, па следело прашање, што му одговорил на Зидан?

„И тоа мора да го прашате него, тој пишуваше. Тој ми го прислушкува телефонот, па може да го прашате“, одговорил Мурињо.