Мота емотивен по елиминацијата на Јувентус: Се срамам, го допревме дното

Јувентус доживеа уште една голема бламажа во период од само една недела откако синоќа беше елиминиран од Емполи во четвртфиналето од Купот на Италија.

„Бјанконерите“ играа на домашен терен и им беше доволен минимален триумф, но одиграа под секое ниво и загубија на пенали. По ова станува јасно дека Јувентус ќе ја заврши сезонава без трофеј, а виси и настапот во Лигата на шампионите за идната натпреварувачка кампања. По прикажаното синоќа, тренерот Тијаго Мота беше полн со критики кон фудбалерите и призна дека се срами од она што се случуваше.

„Се надевам дека критиките ќе бидат силни, публиката беше премногу љубезна кон нас по она што го видовме во првото полувреме. Верувам дека ќе има моментална реакција на играчите. Јас се срамам од она што го прикажавме на теренот, особено во првото полувреме, го допревме дното“, рече, меѓу другото, Мота.

За помалку од два месеца, Јувентус неславно го зааврши настапот во три натпреварувања. Во Суперкупот на Италија загуби од Милан во полуфиналето, минатата недела беше елиминиран од ПСВ во плејофот од Лигата на шампионите, а синоќа од Емполи во четвртфиналето од Купот на Италија.