Модриќ за поништениот гол на Атлетико: Не знам зошто се чудат, правилата се јасни!

Реал Мадрид го елиминира градскиот ривал Атлетико Мадрид во осминафиналето на Лигата на шампиони (ЛШ), а посебно внимание привлече поништениот гол на Хулијан Алварез од белата точка во пенал-рулетот.

Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне по мечот „распали“ по судиите и ги прашуваше новинарите во конференциската сала дали некој забележал дека Алварез двапати ја допрел топката, а потоа пристигна одговор и од Хрватот Лука Модриќ.

Модриќ вели дека правилата се јасни и очекувана била реакцијата на ВАР-технологијата која спречила неправда.

„Не видов најдобро, но ако е такво правилото, тогаш голот се поништува. Ударот не важи ако двапати си ја допрел топката, не знам зошто луѓето се чудат. Правилата се јасни“, вели Модриќ.