
Почнува супер-интересна сезона во Формула 1: Мекларен го симнува Верстапен од тронот!
Актуелен светски шампион е возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, кој ќе се обиде да ја одбрани титулата откако минатата сезона победи на девет трки. Холандскиот возач веќе четири пати по ред е шампион во Формула 1, а негов тимски колега оваа сезона ќе биде Новозеланѓанецот Лијам Лосон, со кого ќе пробаат да ја вратат доминацијата вопрвенството на конструктори. Во оваа категорија титулата ја брани тимот на Мекларен, за кого ќе возат Британецот Ландо Норис и Австралиецот Оскар Пиастри.
Голема промена се случи во тимот на Ферари, каде што седумкратниот шампион Луис Хамилтон премина од Мерцедес, придружувајќи му се на Шарл Леклер. За Мерцедес, пак, ќе возат Џорџ Расел, кој доби нов тимски колега, Италијанецот Андреа Кими Антонели, за кого ова е деби во најбрзиот циркус. Во Астон Мартин остануваат Фернандо Алонсо и Ленс Строл, додека за Алпин ќе возат Пјер Гасли и Австралиецот Џек Дуен.
Тимот на Вилијамс ќе го претставуваат Шпанецот Карлос Саинц и Тајланѓанецот Александар Албон, додека за Кик Заубер ќе возат искусниот Германец Нико Хулкенберг и бразилскиот дебитант Габриел Бортолето. Естебан Окон и Оливер Берман ќе настапуваат за Хас, а Рејсинг Бул ќе ги има Исак Хаџар и Јуки Цунода.
Оваа сезона во Формула 1 ќе се возат вкупно 24 трки, а шампионатот ќе заврши на 7 декември со Големата награда на Абу Даби. Шест од трките ќе вклучуваат и спринт трки – во Кина, Мајами, Белгија, Остин, Катар и Бразил. Првата трка во Мелбурн ќе се вози в недела со почеток во 5 часот наутро по македонско време.