Милан Ристовски во супер форма – трет меч, трет гол за Спартак Трнава!

Македонскиот репрезентативен напаѓач Милан Ристовски влезе во одлична гол форма и тоа во пресрет на собирот на македонската репрезентација за две недели за септемврискиот мундијалски циклус, откако денеска даде трет гол во третиот меч за Спартак Трнава.

Откако ѝ даде гол на Сеница во поразот со 1-2, па на Микулас во победата со 4-0, сега Ристовски погоди и за победата со 2-0 против Злате Моравце, иако доби неполни пола час за да игра на овој меч.

Помладиот брат на новиот капитен на македонската репрезентација Стефан Ристовски влезе во игра во 62-та минута кога Трнава водеше со 1-0 со гол на Буката уште од 27-та минута, а десет минути после влегувањето ја завери победата со која неговиот тим со девет бода по четири кола е третопласиран, со исто бодовно салдо како и Слован Братислава, која има меч помалку, како и Жилина која во моментов го игра својот меч.