Милан предвреме ќе го откупи Ребиќ од Ајнтрахт за 25 милиони евра

Иако почетокот не му беше најсјаен, Хрватот Анте Ребиќ во моментов е една од главните фигури кај седумкратниот европски првак Милан, па веќе стигна до десет гола на 12 меча во вториот дел од сезоната во Серија А, доволно за да ги натера „росонерите“ предвреме да го откупат неговиот договор од Ајнтрахт Франкфурт.

Како што објави еден од најпознатите новинари на Апенините, Џанлука Ди Марцо, Милан веќе планира да го откупи Ребиќ за 25 милиони евра и да го искористат „вербалниот договор“ што го имаат со бундеслигашот при потпишување на договорот за заем.

„Росонерите“ може да сочекаат до крајот на идната сезона за откуп на договорот зашто Ребиќ е на двегодишен заем до јуни 2021, но Ралф Рангник има планови да изгради стабилен тим, а во основата на таа изградба секако е Ребиќ со договор на подолг рок, иако Хрватот е донесен од старото раководство во спортскиот сектор на „росонерите“ - Паоло Малдини-Звонимир Бобан.