Милан ја освои Братислава, Атлетико ја распарчи Спарта Прага (ВИДЕО)

Поранешниот италијански шампион Милан славеше на гостувањето кај Слован Братислава со 3-2, додека Атлетико Мадрид ја прегази Спарта Прага со 6-0 во петтото коло од групната фаза во Лигата на шампиони (ЛШ).

Кристијан Пулишиќ во 21. минута ја затресе мрежата на Слован за водство од 1-0 на „росонерите“, но потоа една грешка на гостите беше казнета од страна на екс-вардарецот Тигран Барсегјан кој го претрча речиси цел терен и го матира Мајк Мењан.

Милан се мачеше да стигне до втор гол, но Рафа Леао во 68. минута конечно го скрши отпорот на домаќините, а три минути подоцна Слован направи голема грешка која ја казни Тами Абрахам за водство од 3-1.

Слован не се предаваше, па во завршницата од регуларниот дел повторно го матира Мењан со фантастичен удар на Нино Марчели.

Атлетико Мадрид немаше милост за Спарта Прага, па убедливиот триумф го најави уште во првото полувреме, кога стрелаа Хулијан Алварез и Маркос Лоренте.

Во вторите 45 минути во листата со стрелци се запишаа Алварез, Антоан Гризман и двапати Ангел Кореа за конечни 6-0.

Милан има девет бодови и се наоѓа на деветтата позиција по пет одиграни кола, додека Атлетико исто така има девет поени, а се наоѓа на 10. место во групната фаза.