Михајловиќ победи: По 40 дена лекување од леукемија вечерва ќе ја води Болоња од клупата!

Српската ѕвезда Синиша Михајловиќ победи после 40 дена лекување од леукемија во болница, зашто тренерот на калчолигашот Болоња вечерва ќе го води својот клуб од клупата, иако сите очекуваа дека „ќе диригира“ од болничкиот кревет, како што претходно беше најавено.

Италијанските медиуми предмалку објавија дека Михајловиќ е во Верона и ќе седи на клупата на Болоња, откако пред месец и половина на прес-конференција објави дека болува од леукемија и декаитно го почнува третманот за да победи во животната битка.

Според информациите, Србинот го завршил само првиот дел од лекувањето и сѐ уште е далеку од излечен, но неговата желба, борба и храброст ја воодушевија Италија, зашто покажува дека нема намера да се предаде, ниту да се откаже од фудбалот.

Инаку тој на своите избраници им ветил кога заминал на лекување дека ќе биде со нив на првиот меч и сега тоа го исполнува.