Меси: Имаше наредба од Мадрид да ме уништат!

Петкратниот освојувач на најпрестижната фудбалска награда „златната топка“, Лионел Меси, ѕвездата на Барселона шокантно објави дека постоела наредба од Мадрид да биде уништен, па поради тоа се соочил со даночниот проблем и судскиот процес за затајување на данок, по кој мина со парична казна и условна затворска казна.

Во екот, кога неговиот голем ривал Кристијано Роналдо има најголема мака со даночните власти, кои бараат да плати 28 милиони евра или да се соочи со осумгодишна затворска казна, Меси објави дека неговиот процес бил нарачан, а тој доби нецели две години затвор, кои ги замени со изплаќање на данокот, плус камати и дополнителни казни.

„Постоеше наредба од Мадрид да ме нападнат, да ме уништат, а со тоа да ме победат. Го искористија моментот на слабост. Беше тешко да се мине низ сето тоа. Јас дојдов на раб на депресија, најмногу и поради начинот на кој медиумите од Мадрид ме напаѓаа, за се што пишуваа за мене и моето семејство. Јас се чувствував нападнат, ми беше многу тешко... Но, имав среќа. Затоа што поддршката од луѓето што ме сакаат од Барселона ми помогна да се опуштам“, призна Меси.