Менаџерот на Кристал Палас е топ-фаворит за наследник на Аморим

Австрискиот стручњак Оливер Гласнер е најголема желба на раководството на Манчестер Јунајтед за нов менаџер на тимот, на местото на Рубен Аморим, тврдат попладнево медиумите во Велика Британија.

Според нив, челниците на клубот од Олд Трафорд се големи почитувачи на делото на 51-годишникот кој бележи одлични резултати со Кристал Палас последните две сезони. Неговиот договор со Палас истекува на крајот од оваа сезона поради што е неизвесно дали Јунајтед ќе тргне по неговиот потпис во овој момент или во текот на летото.

На следните два меча, против Барнли в среда и Брајтон во ФА Купот во текот на викендот, Јунајтед ќе го води тренерот на У18 екипата, Дарен Флечер, а веројатно потоа ќе биде донесена конечната одлука.

Покрај Гласнер, на листата на кандидати за менаџерската позиција во Јунајтед се наоѓаат уште: Енцо Мареска, Герет Саутгејт, Марко Силва, Мајкл Карик, Роберто де Ѕерби, Киран Мекена, Јулијан Нагелсман, Маурисио Покетино, Еди Хау и Томас Тухел, но не е исклучено да остане Флечер ако има позитивно влијание врз тимот на натпреварите на кои ќе го води.