Најдобриот европски и светски клуб неочекувано би можел да остане без тренер!

Шпанскиот стручњак, Луис Енрике, сериозно размислува за заминување од ПСЖ по завршувањето на сезоната, иако со клубот испиша историја.

Како што пренесуваат „Билд“ и „Марка“, тренерот нема намера да го продолжи договорот што му истекува во јуни, бидејќи е во потрага по нови професионални предизвици. Главната причина за можниот раздел е желбата за нов чекор во кариерата. Со истекот на договорот на крајот од јуни, Енрике би станал слободен тренер и потенцијално многу привлечна опција за водечките светски репрезентации кои по Светското првенство ќе бараат селектор за нов циклус. Како дополнителен фактор се наведува и благиот пад во формата на ПСЖ сезонава. Иако резултатите се солидни, тие не ја одразуваат доминацијата од претходната сезона. Парижани моментално се втори во француското првенство, со бод помалку од Ленс, додека во Лигата на шампионите се наоѓаат на третата позиција, зад Арсенал и Баерн Минхен.

И покрај тоа, престојот на Енрике во Париз досега е исклучително успешен. Во првата сезона ги освои домашното првенство, купот и суперкупот, а врвот на неговата работа дојде во сезоната 2024/25, кога му го донесе на ПСЖ првиот, историски трофеј во Лигата на шампионите – долго сонуваната цел на клубот. За време на мандатот, Енрике освои две титули во Лига 1, два Француски купа и два Суперкупа, како и трофеите во Лигата на шампионите, УЕФА Суперкупот и Интерконтиненталниот куп. За сезоната 2024/25 беше прогласен и за најдобар тренер во светот.

Доколку во летото 2026 година се потврди неговото заминување, тоа би претставувало сериозен удар за ПСЖ. Во Париз веруваа дека токму во поранешниот тренер на Барселона го нашле човекот кој може да им обезбеди долгорочна европска доминација.

ФОТО: EPA PHOTO