Малку фалело Ибра да стане фудбалер на Реал летово, ама Роналдо спречил сѐ!

По само пет одиграни кола во шпанската Ла Лига, Реал Мадрид има негатива од цели седум бода зад Барселона, а навивачите се многу нервозни.

Реал нема победа пред своите гледачи на три натпревари во низа, Зидан има големи проблеми со повредите, а вон стројот е и неговиот миленик Карим Бензема, кој остана единствен класичен напаѓач во тимот, но Реал планирал да донесе и уште еден во текот на трансфер периодот.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Кристијано Роналдо летово го стопирал доаѓањето на еден од најдобрите напаѓачи во историјата на фудбалот. Златан Ибрахимовиќ наводно бил пред потпис со Реал, но Португалецот по консултациите со управата влијаел и успеал да ги стопира преговорите.

На крајот, Швеѓанецот потпиша едногодишен договор со Манчестер јунајтед, а „Дон Балон“ тврди дека преговорите со Реал биле во поодмината фаза, но се вмешал Португалецот и сѐ пропаднало во вода.

Познато е дека Роналдо сака да биде најголемата ѕвезда во соблекувалната, а токму доаѓањето на поранешниот напаѓач на Барса би го ставил него во втор план.

Затоа и не чуди неговото однесување и фактот дека е пресреќен кога не доаѓаат во Реал најголемите звезди.