Македонскиот двоец на продажба: Палермо ја одреди цената на Несторовски и Трајковски

Сицилијански Палермо ги стави на трансфер листа двајцата македонски репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски, па со тоа ја одреди и цената на овие фудбалери, кои веќе сигурно е дека ќе си заминат летово.

Како што објавија италијанските медиуми, за Илија Несторовски цената е четири милиони евра, додека за Александар Трајковски е двојно помала – два милиони евра. Несторовски пред три години дојде за 500.000 евра од Интер Запрешиќ, а една година претходно од Зулте Варегем за еден милион евра потпиша Трајковски.

Генералниот директор на клубот, Фабрицио Лукези потврдил дека Несторовски и Трајковски се на продажба, додавајќи дека Палермо нема да се откаже да заработи на македонскиот двоец, а севкупно од главните играчи планира во касата да инкасира 13,5 милиони евра, од кои речиси половина од Македонците.

За Несторовски и Трајковски заинтересиран е новиот калчолигаш Лече, кој сака да ги купи во пакет, но голгетерот и капитен Несторовски има понуда и од белградска Црвена Звезда, која пак веќе сигурно е дека нема да плати 4 милиони евра за отштета. Но, според најавите интерес за Несторовски има и од турски и руски клубови, но не се обелоденуваат имињата, па сицилијанците планираат да го искористат тој интрес за уште повеќе да заработат.