Мајсторски: Реал ќари 10 милиони евра за фудбалер кој никогаш не заигра за првиот тим!
Најнов пример е 20-годишниот напаѓач Хакобо Ортега, кој ќе се пресели во Стразбур за сума од десет милиони евра, иако никогаш нема одиграно ниту една минута за првиот тим на „кралевите“. Згора на тоа, Реал си обезбедил и 30-отсто од сумата на евентуалниот следен трансфер на младиот фудбалер, што во иднина би можело да му донесе дополнителна сериозна заработка.
Ортега со ова стана најскапо продадениот фудбалер на Реал меѓу оние кои никогаш не настапиле за првата екипа. Стразбур првично понудил осум милиони евра, но раководството на мадридскиот гигант ја одбило понудата. Французите потоа се вратиле со подобри услови, по што бил постигнат договор за десет милиони евра плус процентот од идната продажба.
Ортега минатата сезона настапуваше за Б и Ц-тимот на Реал, како и за младинскиот состав. Вкупно одигра 56 натпревари на кои постигна 18 голови и запиша две асистенции. За него интерес покажаа и неколку шпански клубови, меѓу кои најсериозен беше Елче, но Стразбур понудил најдобри услови за продолжување на неговата кариера.
Францускиот клуб е сопственички поврзан со Челси, а спортскиот директор Дејвид Вир особено инсистирал на ангажманот на младиот напаѓач.