Арсенал активира трансфер-бомба – со „полна ќеса пари“ тргна Виктор Осимен!
Според информациите на британски „Телеграф“, името на 27-годишниот напаѓач се појавило во разговорите меѓу двата клуба кои првично се воделе за неколку фудбалери на Арсенал. Осимен минатото лето и официјално стана фудбалер на Галатасарај, кој за неговиот трансфер од Наполи плати 75 милиони евра. Нигериецот долго време се поврзува со преселба во Премиер лигата, а сега конечно би можел да добие можност да заигра во Англија.
Прв избор на Микел Артета за засилување на нападот бил Хулијан Алварез, но Атлетико Мадрид категорично одбива да го продаде Аргентинецот. Поради тоа „топчиите“ се свртеле кон Осимен и веќе ја испитуваат можноста за договор со турскиот шампион. Интересно е што преговорите меѓу Арсенал и Галатасарај почнале поради Габриел Мартинели и Итан Нванери.
Галатасарај веќе испратил понуда од 45 милиони евра за Мартинели, но Бразилецот во моментов не е премногу заинтересиран кариерата да ја продолжи во турската Суперлига. Паралелно се разговара и за Нванери. Според информациите од Англија, Арсенал е подготвен да го продаде 19-годишниот талент за околу 40 милиони евра, а Галатасарај покажал сериозен интерес за негов ангажман.
Дополнителна тежина на приказната за преселба на Осимен во Лондон даде и поранешниот фудбалер на Челси, Џон Оби Микел, кој е близок со својот сонародник.
„Сакаме да го гледаме во Лигата на шампионите, па можеби Арсенал ќе биде неговата следна дестинација. Можеби таму се отвора врата за Виктор“, изјави Микел.
Тој откри дека во повеќе наврати разговарал со Осимен и дека желбата на нигерискиот напаѓач е повторно да настапува во една од најсилните европски лиги и да се бори за најголемиот клупски трофеј.