Лудница во Холандија: Голман со два гола го спаси својот тим од пораз (ВИДЕО)
Телстар одигра повеќе од еден час со играч помалку, откако Нокви Торисон доби директен црвен картон уште во 22. минута. Камбур ја искористи бројчаната предност и во првите 15 минути од второто полувреме постигна два гола за водство од 2-0.
Тогаш на сцена стапи голманот. Откако Телстар доби пенал, одговорноста ја презеде Куман јуниор. Голманот остана смирен и прецизно шутираше во долниот десен агол за да го намали резултатот на 1-2. Драмата продолжи во самата завршница. Телстар повторно доби удар од белата точка, но по ВАР-проверка одлуката беше поништена. Сепак, домаќините не се откажаа.
Во последните секунди од осмата минута надополнување, Телстар повторно доби пенал. Повторно топката ја зеде Куман јуниор. И повторно беше прецизен! Во 101. минута голманот го постигна својот втор гол на натпреварот и му донесе на Телстар реми од 2-2 и огромен бод.
Со ова Куман јуниор испиша и историја во холандскиот фудбал. Тој стана првиот голман по Ник ван Зогел, кој постигнувал голови во две последователни сезони, а воедно и првиот голман кој постигнал два гола на еден натпревар во највисокото ниво на холандскиот фудбал. Интересно е што станува збор за син на легендарниот холандски фудбалер и поранешен тренер на Барселона, Роналд Куман.