Лопетеги: После „ел класико“ продолжува животот, нема да умрам!

Реал Мадрид во вторникот првпа по 32 дена успеа да се израдува на победа и триумфот барем малку ја намали тензијата врз Хулен Лопетеги во пресрет на утрешното „ел класико“ против Барселона, иако шпанските медиуми веќе најавија дека бившиот шпански селектор ќе добие отказ од „кралскиот клуб“ по мечот.

Лопетеги е посочен како најголем виновник за кризата на мадридскиот великан, па поради тоа без оглед на исходот во дербито, тој наводно ќе биде сменет. Но, засега нема потврди, а ниту на Лопетеги му е страв дека може да добие отказ.

„Мора да бидеме добри, јас сум фокусиран само на фудбалот. Мора добро да се браниме, но и одлично да напаѓаме. Не мислам дека по 'ел класико' ќе умрам. Постои живот и после ова дерби. Ќе бидеме фокусирани, треба првенствено да мислиме на себе. Знаеме против кого играме и мора да ги искористиме сите наши квалитети. Јас им верувам на фудбалерите, тие веруваат во мене. Работиме напорно и сакаме да покажеме дека овој тим има вредност“, вели Лопетеги.