Лондонското дерби за Челси: Тотнем тргна одлично, па застана! (ВИДЕО)
Избраниците на Постекоглу имаа фуриозен старт и по само 11 минути преку Соланке и Кулушевски обезбедија предност од 2-0. Во двете ситуации се лизна Шпанецот Марк Кукуреља кој потоа одлучи да ги смени копачките на лизгавиот терен во Лондон.
Џејдон Санчо во 17. минута постигна гол со кој го врати својот тим резултатски во игра. На пауза домаќините сепак заминаа со предност од 2-1.
Во второто полувреме Челси беше многу подобар противник и во 61. минута преку првата ѕвезда Кол Палмер од пенал стигнаа до израмнување. Десетина минути подоцна Енцо Фернандез ја продолжи својата добра форма и стрелаше за целосен пресврт.
Палмер во 84. минута на идентичен начин со удар од белата точка погоди и за 2:4, додека Сон во самата завршница ги постави конечните 3-4.
Со овие три бода Челси дојде до 31 со кои се наоѓа на втората позиција пред Арсенал кој има 29, Ливерпул е лидер со 34, но „црвените“ имаат и натпревар помалку.