Без сензација: Ливерпул и Наполи го потврдија квалитетот (ВИДЕО)

Фаворитите Ливерпул и Наполи со убедливи победи го обезбедија пласманот во осминафиналето во Лигата на шампиони од групата „Е“.

Актуелниот европски првак го обезбеди првото место со триумф од 2-0 на гостувањето кај Салцбург. По првото полувреме немаше голови, но „црвените“ блеснаа за само 100 секунди. Најпрво Наби Кеита го отвори резултатот, а кратко потоа и Мохамед Салах искористи голем кикс на домашната одбрана и од тежок агол погоди за 2-0. Салцбург за утеха ќе ја продолжи европската „одисеја“ во првото елиминациско коло во Лигата на Европа. 

Наполи уште во првото полувреме го реши Генк, бидејќи водеше со 3-0 благодарение на хет-трикот на Аркадиуш Милик. Полјакот прво искористи еден голем кикс на младиот гостински голман Мартен Вандевурд. Милик потоа погоди по одличната асистенција на Џовани ди Лоренцо, а хет-трикот го комплетираше во 38-та минута од пенал. Победата од 4-0 на Италијанците ја потврди Дрис Мертенс исто така од белата точка во 75-тата минута. Тренерот Карло Анчелоти на овој натпревар не му даде шанса на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој остана на клупата за резервни играчи.

ГРУПА Е
Салбург - Ливерпул 0-2
Наполи - Генк 4-0

ТАБЕЛА
1. Ливерпул 13
2. Наполи 12
3. Салцбург 7
4. Генк 1