Лапорта пак го нападна Реал: На нас ни поништија таков гол против Сосиедад

Во текот на својата претседателска кампања, Жоан Лапорта повторно го нападна Реал Мадрид дека има судиска помош и дека така останува жив во трката за шампионската титула.

Реал синоќа на контроверзен начин дојде до победата против Селта бидејќи на победничкиот гол, постигнат од Валверде во 94. минута, му претходеше фаул на друг дел од теренот од каде и почна акцијата на мадридскиот тим. Интересно е тоа што за слична ситуација на Барса ѝ беше поништен гол против Сосиедад што подоцна се покажа клучно за поразот на „каталонците“ и тоа го потенцира Лапорта.

„Реал низ историјата постојано имал предност поради судиите. Имаше и среќа затоа што тој гол требаше да биде поништен поради претходен фаул. На нас ќе ни го поништеа, како што и се случи на Аноета. Секогаш е исто со Реал, кога е во проблеми, тука се судиите да направат нешто за да му помогнат“, рече Лапорта.

Претседателските избори во Барселона се идната недела и тогаш ќе се знае дали тој ќе остане на својата функција.