Лацио го продава Милинковиќ-Савиќ за сума која е по мерка на ПСЖ и Јунајтед

Српскиот фудбалер Сергеј Милинковиќ-Савиќ најверојатно ова лето ќе го напушти Лацио, пишуваат италијанските медиуми.

Наводно, римскиот клуб решил да заработи од Милинковиќ-Савиќ ова лето, кој се поврзува со европските великани секој преоден рок. Лацио за него побара 100 милиони евра во претходниот трансфер период, но јасно е дека сега нема да можат да ја добијат оваа сума.

„Калчомеркато“ пишува дека претседателот на овој клуб, Клаудио Лотито, постави нова цена за српскиот играч од средниот ред, и дека е подготвен да го продаде Милинковиќ-Савиќ, ако за него дојде понуда, за сума од 70 милиони евра.

СМС порано се поврзуваше со ПСЖ и Манчестер јунајтед во минатото и се чини дека оваа вест ќе ги направи многу среќни. Дваесет и петгодишниот фудбалер оваа сезона има одиграно 35 натпревари за Лацио и постигна шест гола со седум асистенции.

Лацио реши да продаде неколку играчи за да избегне финансиска криза, а СМС се чини дека е прв на списокот. Тој пристигна во Лацио пред пет години од Генк за 18 милиони евра и се покажа како вистинска инвестиција.