Лацио го освои Неапол, Аталанта е нов лидер во Серија А (ВИДЕО)

Екипата на Наполи го доживеа вториот пораз на домашен терен оваа сезона во Серија А и со тоа дефинитивно го загуби првото место на табелата.

Во дербито на 15. коло, Лацио славеше на гостувањето на „Диего Марадона“ со 1-0 и ѝ овозможи на Аталанта да застане на чело, но во исто време дополнително ја замрси борбата за титулата во италијанското првенство. Сега пет екипи се на растојание од само три бода, а таквата состојба не може да се смени ни откако Фиорентина и Интер ќе го доиграат својот прекинат натпревар.

Наполи беше нешто подобар тим на денешниот меч и можеби не заслужи да загуби, но факт е дека упати само еден директен удар кон противничкиот гол. Единствениот погодок го постигна Густав Исаксен во 79. минута, а до крајот на натпреварот Наполи не успеа да направи притисок и посериозно да се закани по голот на римскиот тим.

Сега Аталанта е прва со 34 бода, Наполи заостанува еден бод, а зад него се Интер, Фиорентина и Лацио со по 31.