Куртоа побара прошка од навивачите на Реал за навредите кон „кралевите“ во минатото (ВИДЕО)

Новиот голман на европскиот првак Тибо Куртоа од вчера и официјално е нов член на „кралскиот клуб“ потпишувајќи шестгодишен договор, откако за 40 милиони евра дојде од лондонски Челси и објави дека за него трансферот е остварување на сонот.

Но, експресно навивачите на лутиот градски ривал на Реал, Атлетико Мадрид објавија снимка како Белгиецот погрдно пее против Реал, додека беше дел од црвено-белите, пред да се пресели на „Стемфорд бриџ“ во Лондон. И Куртоа не можеше да го избегне прашањето за неговиот потег, по што тој им се извини на сите навивачи на „кралевите“.

„Тогаш бев многу млад и дозволив да ме понесе атмосферата. Затоа сега ги молам навивачите на Реал да ми простат, зошто јас вакви работи не правам“, изјави Куртоа.

Белгиецот, кој беше прогласен за најдобар голман на СП во Русија бранеше за Атлетико во периодот од 2011 до 2014 година, по што замина во Челси, а спорната снимка каде погрдно пее против најголемиот светски клуб се случи по тиумфот на црвено-белите против реаловци во финалето на шпанскиот Куп.