Шок во тенискиот свет: Се пензионира гренслем-шампион на само 30 години!

Австрискиот тенисер, Доминик Тием (30), планира да се пензионира на крајот на октомври по завршување на настапот на турнирот во својата Виена.

Победникот на Ју-Ес опен од 2020 година е надвор од светскиот врв веќе три ипол години, а се започна веднаш по освојувањето на првиот и единствен Грен слем. Почнаа проблемите со мотивацијата и психата, а заедно со тоа дојдоа и повредите, пред се на зглобот. Никогаш не успеа да се врати на своето поранешно ниво, а моментално се наоѓа на само 117. место на АТП листата.

Најдобар пласман имаше во 2020 година, кога беше трет играч на планетата, а во кариерата освои 17 титули. Неговиот втор најголем успех дефинитивно е победата во Индијан Велс во 2019 година. Може да се пофали и со финалињата на Ролан Гарос (2018, 2019) и со финалето на Австралија Опен во 2020 година.