Круцијална победа на Рајо, Димитриевски постави нов рекорд

Рајо Ваљекано е на чекор од опстанокот во елитната конкуренција откако вечерва на домашен терен ја совлада Гранада со 2-1.

Тимот од Мадрид може и вечерва бидејќи практично не е возможно Кадиз да надополни  гол-разлика од -9 во последните две кола, но сепак постојат теоретски шанси за андалузиската екипа која вечерва славеше на гости кај Севиља со 1-0. Рајо играше со фудбалер помалку уште од петтата минута кога Трехо беше исклучен, но и покрај тоа успеа да триумфира. Лежен го донесе во водство домашниот тим во 23. минута, а Де Фрутос во 80. зголеми на 2-0. Боје на истекот од основниот дел ѝ донесе надеж на Гранада, колку да не му дозволи на Столе Димитриевски по 14. пат сезонава да ја сочува својата мрежа.

Сепак, македонскиот репрезентативец има причини за задоволство бидејќи вечерва постави нов клупски рекорд. Тој го забележа својот 190. настап во дресот на Рајо Ваљекано и стана голман со најмногу одиграни натпревари во историјата на клубот. Досегашен рекордер беше Нигериецот, Вилфред Агбонавбаре кој од 1990 до 1996 година 189 пати беше на голот на Рајо.