Кошмарна повреда на Чави Симонс: Го пропушта Мундијалот, се враќа дури во 2027 година (ВИДЕО)

Тотнем има кошмарна сезона која нема лесно да ја заборави или преболи. Сè уште не е познато дали ќе преживеe во Премиер лигата, a секако, ќе бидат без Чави Симонс во борбата за опстанок.

Холандскиот репрезентативец ги скина предните вкрстени лигаменти и ја заврши оваа календарска година. Значи, тој нема да биде на Светското првенство, што несомнено е голем удар за Холандија, а на терените ќе се врати дури во 2027 година. Симонс се повреди во победата на неговиот тим од 1-0 против Вулверхемптон во саботата. Тој беше изнесен од теренот во 63. минута откако се повреди бркајќи топка што излезе надвор од теренот. Новиот тренер Роберто Де Зерби сериозно сметаше на него, а сега ќе мора да најде замена за него.

Де Зерби поради повреди не можеше да смета на девет играчи против Вулверхемптон, а потоа им се придружија Симонс и Доминик Соланке, кој повреди мускул. Следниот натпревар на Тотнем е против Астон Вила во недела.

„Велат дека животот може да биде суров и јас така се чувствувам денес. Мојата сезона ненадејно заврши и се обидувам да се помирам со тоа. Искрено, скршен сум. Ништо од ова нема смисла. Сè што сакав беше да се борам за мојот тим и сега таа можност ми е одземена, заедно со Светското првенство“, рече Симонс.

Тој има само 23 години, иако долго време е популарен во фудбалскиот свет. Излезе од познатата Ла Масија, каде што привлече внимание уште од многу млада возраст. Се пресели во академијата на ПСЖ на 16-годишна возраст, каде што го имаше своето деби во сениорската екипа, потоа играше за ПСВ и Ред Бул Лајпциг, од каде што минатото лето замина за Лондон. Во дресот на Тотнем досега постигна два гола и оствари пет асистенции во 28 натпревари.