Конечната одлука за „Ел Класико“ ќе падне во понеделник

Поради политичките немири во Каталонија, Ла Лига сакаше да го промени терминот на одигрување на големото „Ел Класико“ помеѓу Барселона и Реал Мадрид. Предлогот на шпанската фудбалска лига беше наместо Барселона да биде домаќин на 26 октомври, овој натпревар прво да се одигра во Мадрид, а во вториот дел од сезоната натпреварот да биде на „Камп Ноу“. 

Двата клуба експресно ја одбија оваа понуда, па сега се бара алтернативен датум за одигрување на дербито. Очигледно е дека на 26 октомври во Барселона нема да се игра фудбал поради големите протести, кои избувнаа поради високите затворски казни за неколку каталонски сепаратисти.

Барселона и Реал Мадрид го понудија 18 декември како алтернативен датум за натпреварот, но Ла Лига не сака дуелот да се игра во среда, бидејќи така ќе загуби многу гледачи. Лигата инсистира натпреварот да се игра за време на викенд. На истиот овој датум ќе се играат натпревари и од шпанскиот Куп, па предлогот на Ла Лига  е седми декември.

За да се игра на овој датум Реал Мадрид и Барселона ќе мора да ги одложат своите натпревари од 16.коло во Ла Лига против Еспањол и Мајорка. Конечната одлука која треба да ги задоволи сите три страни ќе падне во понеделник.