„Кога Абердин се јави бев пресреќен и брзо одлучив зашто е идеално за - напредок“

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, кој во следните четири години ќе игра за шкотскиот гигант Абердин, клуб со огромна традиција, откако овој клуб го купи за 624.000 евра од МТК, посочи дека не се мислел многу за изборот откако се појавил интересот за негов ангажман.

Миовски завчера им се придружи на новите соиграчи на предсезонскиот тренинг-камп во Коста Брава (Шпанија), а Абердин како голема ѕвезда го претстави своето финансиски највредно засилување досега во овој преоден рок. И Миовски најави дека ќе направи сѐ за да се остварат целите, тој да биде број еден напаѓач на клубот, а Абердин да биде во топ три во шкотската Премиерлига.

„Секој напаѓач сака да биде број еден и секако дека јас сакам да бидам прв напаѓач во Абердин, прво клубот да ги оствари своите цели, а се знае која е целта – да сме во топ три во Шкотска. Ако дадам многу голови, мислам дека ќе му помогнам на тимот да ја оствари целта. 

Возбуден сум и ќе дадам сѐ за да ги оствариме тие цели. Знам за големата историја на овој клуб, знам дека ова е голем чекор во мојата кариера и благодарност до раководството и до тренерот за шансата што ми ја овозможија за да бидам дел од овој голем клуб.Веќе ги запознав соиграчите, фантастични момци се, сите одлично ме дочекаа и среќен сум зашто сите се многу добри тука“, вели Миоски.

Тој откри дека не размислувал многу откако шкотскиот великан, чии најголеми резултати се поврзани со ерата на сер Алекс Фергусон (1978-1986), покажал интерес за него, а причината зашто го одбрал овој клуб е зашто смета дека е идеален за негов напредок.

„Бев пресреќен кога Абердин покажа интерес за мене. И веднаш ја избрав оваа опција, зашто знам дека тука ќе напредувам. За млад фудбалер е перфектна средина. Знам за големата историја на овој клуб, затоа е чест да се биде тука и да се игра за овој клуб. Не го следев многу шкотскиот фудбал, но знам дека е тежок на физички план и се игра со добро темпо. Затоа мислам дека ќе напредувам“, додава Миовски.

Младиот 23-годишен напаѓач пред две години од Ренова дојде во МТК, а од октомври лани кога дебитираше за А-репрезентацијата е постојано дел од нашата најсилна репрезентација и против Гибралтар пред помалку од три недели ги даде своите први голови во националниот дрес.

„Играњето за Македонија е големо задоволство, секој млад фудбалер сонува да игра за националниот тим и да даде голови. Мислам дека досега играв добро и знам дека можам подобро“, посочи Миовски.