Клајверт ги искара талентите на Барса: Тука имате најдобри услови, а трчате по – пари!

Холандската легенда Патрик Клајверт од неодамна е директор на славната школа на Барселона, „Ла Масија“, со задача да помогне во развојот на талентите во каталонската гордост до нивно влегување во првиот тим на славниот клуб.

Клајверт после доаѓањето во Каталонија експресно се најде во фокусот кога му даде отказ на легендарниот голман Виктор Валдес, кој како тренер на екипа од младинскиот погон решил да ја смени тактичката поставеност од 4-3-3 во 4-4-2, што во целиот шпански систем, а особено во „Ла Масија“ е – најтежок прекршок.

И сега повторно Холанѓанецот се наоѓа во центра на вниманието откако јавно „им одржа лекција“ на младите таленти во Барселона, дека брзо трчаат по пари и штом некој ќе им понуди повеќе – експресно заминуваат. Дури и огорчено им порача дека такво нешто повеќе нема да биде дозволено.

Сето ова доаѓа откако еден од најголемите таленти Чави Симонс летово се пресели во ПСЖ

„Во 'Ла Масија' младите таленти ги имаат најдобрите тренинзи на светот. Не треба да си одат зашто некој им дал повеќе пари, а имаат едвај 15 или 16 години. Тие штотуку се на праг на прв професионален договор. Прво таквите играчи мора да напредуваат, а ако се залетате по пари, никој не ви гарантира дека ќе играте. Барса има посебен план за секој фудбалер и сите мора да бидат трпеливи. Не може сите да очекувата дека се Меси или Ансу Фати, па од 16 години ќе играат за првиот тим“, вели Клајверт.